100 Whey

Пазарска количка

производи:0 бр.

Општа сума 0.00 MKD

Ако Стрезовски не прифати, селектор ќе биде Магдинчев

Од дата: 20-09-10 г.

РФМ денеска ќе им ги понуди условите за работа на двајцата кандидати што го минаа првиот филтер по објавениот конкурс за селектор на женската репрезентација

Новиот селектор на женската ракометна репрезентација на Македонија ќе се избира меѓу Гино Стрезовски и Ристо Магдинчев, реши Комисијата на РФМ по објавениот конкурс. Овие двајца го минаа првиот филтерот. Денеска ќе се разговара со двајцата кандидати околу условите што РФМ им ги нуди за селекторскиот ангажман во следната година. За Гино Стрезовски подолго време се зборува во ракометните кругови дека е речиси договорен за преземање на репрезентацијата. Единствено доколку не му одговараат условите од РФМ, тогаш шанса ќе добие Магдинчев.

- Од шесте кандидати комисијата се реши за двајца, Гино Стрезовски и Ристо Магдинчев. Во предност е Стрезовски и прво со него ќе се разговара. Доколку тој не се согласи ќе се зборува и со Магдинчев. Денеска би требало да се знае кој од нив ќе биде новиот селектор, изјавија членовите на комисијата на РФМ.

Федерацијата ги објави условите што таа ги бара од селекторот, а сега ќе им каже што таа им нуди, од услови па до плата. Досега селекторите никогаш немале месечна плата во репрезентацијата, туку секогаш биле „врзувани“ со клупски ангажман. 

Покрај Стрезовски и Магдинчев, на конкурсот за селектор се јавија и Боро Чурлевски, Борче Маркоски, Владимир Глигоров и Драган Нишевиќ. Последниве двајца беа и селектори на жените, а Глигоров во 2008 година на ЕП го освои седмото место.

Во декември репрезентацијата треба да го почне новиот квалификациски циклус за СП 2011 година во Бразил. Бидејќи не успеавме да се пласираме на ЕП во Данска и Норвешка, ќе се одржува во декември, сега ќе треба да играме квалификации, па да се избориме за бараж средба. Тоа дополнително ја усложнува ситуацијата, бидејќи и турнирот на кој ќе играат уште и Грција, Швајцарија и Азербејџан само првопласираниот ќе игра во баражот во јуни.

Металург го поддржува Стрезовски

Стрезовски во 2006 година последен пат беше на селекторската функција, но, кај мажите. Тогаш не успеа во квалификациите за СП 2007, а пред почетокот на новиот квалификациски циклус поднесе оставка, поради „немање соработка со федерацијата“. Никогаш нема искуство со водење на женска репрезентација, а со женска екипа работел пред повеќе од 15 години. 

„Професорот“ ја има наклонетоста и од управата на Металург од каде се најголемиот дел од репрезентативките. Комисијата на РФМ имала средба и со Металург, од каде добиле позитивни сигнали дека нема да прават никакви проблеми со пуштањето на ракометарките на подготовки и турнири. 

Стрезовски би требало да биде човекот што ќе ги задржи сегашните ракометарки што најавија заминување од националниот тим, а пред се' Јулија Портјанко. Нашата интернационалка, која игра во Франција, по завршените квалификации за ЕП 2010 година најави дека ќе се повлече од репрезентацијата и ќе се посвети на клупските обврски. Од 2007 година кога имаше сериозна повреда на СП во Франција, постојано е под терапија и би сакала барем уште неколку сезони да одигра за да може и финансиски да ја осигура својата иднина.

Магдинчев вторпат извисува

Иако според спортската биографија спаѓа меѓу најуспешните македонски тренери кој има и големо меѓународно искуство, Ристо Магдинчев досега нема добиено вистинска шанса да се покаже и дома. Во својата спортска кариера има над 900 одиграни мечеви, а тренер бил во неколку земји, Југославија, Швајцарија, Франција, Катар. Со Пелистер беше вицепрвак во лигата на СФРЈ, беше тренер и на Металопластика, Борац, ПСЖ.

Магдинчев беше кандидат и за селектор на машката репрезентација лани кога беше назначен Љубомир Савевски. Тогаш пресуди тоа што Савевски беше тренер на Вардар про.

Проблем може да биде што Магдинчев секогаш инсистира на добри услови за да може да се реализира понудената програма. Секогаш има „црвена линија“ под која никако не се согласува. Подолго време нема клупски ангажман.

Tyxo.bg counter