Од дата: 27-08-10 г.
Ќе бидеме трн во окото на гигантите
Македонските ватерполисти ги очекува пеколен старт на 29. Европско првенство во Загреб (29.08-11.09), бидејќи уште во првото коло в недела ги очекува дуел со моќната Русија. Ова ќе биде второ учество на нашите најдобри ватерполисти на еден континентален шампионат, по Малага 2008 кога го освоија осмото место и се пласираа на ланскиот Мундијал во Рим. Избраниците на Стеван Нонковиќ веќе една недела се во Хрватска и тоа во Шибеник, по што во изминатите два дена одработија неколку спаринг мечеви со домашната селекција во Загреб. Нонковиќ е задоволен од подготовките и смета дека Македонија оди на ЕП не само да учествува, туку и да биде трн во окото на големите имиња.
- Не одиме само за да пополниме место. Сметам дека сме подготвени и ако успееме да ја добиеме Русија на стартот, тогаш може да се надеваме на добар пласман. Атмосферата меѓу играчите е одлична и сите се со една мисла, а тоа е да дадат се од себе за успех на Македонија - изјави Нонковиќ.
Победа на отворањето ќе биде тешко достижна цел, со оглед на тоа што Русите два пати беа подобри од нашата селекција во годинешната Светска лига, но овој пат допатуваа со подмладен состав и Нонковиќ можеби тука ја гледа шансата. Репрезентативците очекуваат огромна подршка од хрватските навивачи и тоа како да играат во Скопје, со оглед на тоа што селекцијата содржи неколкумина натурализирани Хрвати.
- Физички сме одлично подготвени и до самиот старт останува уште да ја доработиме тактиката. Се надевам на успех, иако план ни е да одиме од меч во меч, без да размислуваме за конечниот исход на шампионатот. Тешко е да се прогнозира пласманот, но ако дадеме 100-проценти, тогаш успехот нема да изостане. Македонија ќе има подршка од трибините, бидејќи не има неколкумина Хрвати во тимот и тоа од Загреб, а и српските играчи ќе имаат свои симпатизери - кажа нашиот
голман Далибор Перчиниќ. (Н.П.)
Унгарија и Србија - пресилни
Во рамките на нашата група Б уште се наоѓаат и Русија, Грција, Германија, Србија и Унгарија. Селекторот Стеван Нонковиќ веќе ги прогласи светскиот првак Србија и олимпискиот шампион Унгарија за недопирливи, додека шансата треба да ја бараме во останатите три меча. Првата група ја сочинуваат Црна Гора, Хрватска, Италија, Романија, Шпанија и Турција. Првопласираните во групите одат директно во полуфиналето додека вторите и третите селекции ќе разигруваат за да им се придружат. Останатите ќе се борат за пласман од петото до последното 12 место.
- Русите се подмладени, додека Грција е 30-проценти засилена во однос на мечевите во СЛ. Двата меча ќе бидат екстремно тешки, како и со Германија, но мора да атакуваме на овие три селекции, бидејќи Унгарија и Србија мислам дека се сигурни на врвот. Имаме добра група која ни овозможува да играме квалитетно ватерполо - додаде Нонковиќ.
Состав на Македонија
Во составот на Нонковиќ за ЕП се најдоа:
ГОЛМАНИ: Далибор Перчиниќ, Бојан Јаневски; БЕКОВИ: Ненад Петровиќ (капитен), Димитар Димовски, Благоја Ивовиќ; ЦЕНТРИ: Даниел Бениќ, Здравко Делаш; НАДВОРЕШНИ ИГРАЧИ: Владимир Кречковиќ, Еди Бркиќ, Ненад Босанчиќ, Игор Рачуница, Владимир Латковиќ, Иван Вуксановиќ.
- Ќе се бориме со едно срце и ќе дадеме се од себе за Македонија. Најсилна страна ни е тимскиот дух. Македонија е нашиот втор дом и со максимално залагање, сметам дека може да оствариме забележителен настап во Загреб - изјави капитенот Ненад Петровиќ.
Распоред на мечеви
- Русија-Македонија (29.08, 11.30 ч.)
- Грција-Македонија (30.08, 18 ч.)
- Македонија-Германија (01.09, 13 ч.)
- Србија-Македонија (03.09, 10 ч.)
- Унгарија-Македонија (05.09, 16.30 ч.).

