Од дата: 26-08-10 г.
Репрезентацијата на Македонија е тим со најмалку примени поени, а погодува најмногу тројки, што покажува дека составот на селекторот Марин Докузовски игра добро и во одбрана и во напад. Спроти вечерашното претпоследно коло во кое Македонија е слободна, „црвено-жолтите“ се лидери во неколку статистички категории во квалификациите за ЕП.
Според просекот на ефикасност, Македонија е шеста, но затоа е прва по бројот на најмалку примени поени. Просекот ни е 65,4 поени, Црна Гора ја има втората најцврста одбрана со просек од 70 примени поени на меч. Индивидуално, Бо Мекејлеб е прв стрелец со просек од 24,4 поени на меч, а зад него е Андреа Барњани од Италија со 22,7. Мекејлеб е и втор по украдени топки.
Во шутот за три поени, македонскиот национален тим е прв со 9,1 тројки на меч (64 тројки на 7 средби), а од зад линијата за три поени шутираме во просек по 25,9 пати, во што сме втори зад Португалија.
Слабо стоиме во скокот. Македонија е дури 12-та од 15 тима по бројот на скоковите. Тој хендикеп се надоместува со агресивна одбрана и 9,7 украдени топки по меч со што сме најдобри во Европа. Противниците на Македонија погодуваат само 5,4 тројки во што исто така нашите се најуспешни во одбраната.
Селекцијата на БиХ вечерва во Ливерпул против Велика Британија ќе игра за својата чест, но ако победи, ќе и' направи голема услуга и на Македонија. Со кикс на Британците, Македонија ќе остане првопласирана во својата група. Битка за третото место, а избегнување на последното ќе водат Унгарија и Украина.
Денеска во Групата А играат Израел - Финска и Италија - Црна Гора. Победа за фаворизираните Израелци најверојатно ќе значи пласман на ЕП како една од двете најдобри второпласирани или можеби и како лидери ако триумфираат и во последното коло. За Италија квалификациите завршуваат вечерва и шансата на „аѕурите“ за место на Евробаскетот во Литванија ќе бидат дополнителните квалификации вгодина во август.
Во Групата Ц, Белгија е со една нога на ЕП, но не смее да си дозволи два поразаво последните две кола. Речиси сигурно е дека второпласираниот од оваа група ќе биде оној малерозниот, кој нема да оди на ЕП. Вечерва Бугарија го пречекува лидерот Белгија, што за нашиот источен сосед е обид за фаќање на сламката за спас, а Грузија гостува кај отпишаната Португалија.

