Pump Food

Пазарска количка

производи:0 бр.

Општа сума 0.00 MKD

Како до ЛОИ: Мора да се биде подобар од Русија, Германија, Србија, Полска…

Од дата: 14-01-12 г.

Македонските ракометни репрезентативци подготовките за настап на Европското првенство (ЕП), кое стартува утре во Србија, ги почнаа со сон за евентуален пласман на годинешните Летни олимписки игри (ЛОИ) во Лондон, а за да го остварат тоа, во најмала рака треба да играат во големото финале во Белград.

Директен пласман на ракометниот турнир во британската престолнина ќе обезбеди новиот европски шампион, односно вицешампионот ако во финалето игра Франција, која веќе има олимписка виза. Сепак, веруваме дека селекторот Звонко Шундовски и неговите избраници нема да се налутат ако во Србија обезбедат учество на дополнителните олимписки квалификации, кои од 6 до 8 април ќе се одржат во Шпанија, Данска и во Шведска.

Место на овие турнири не обезбедува некој конкретен пласман, туку освојувањето подобра позиција во однос на селекциите што сè уште немаат виза за некој од трите предолимписки собири. Според правилата, само две од сè уште непласираните национални селекции ќе добијат можност за уште една последна пресметка за место на ЛОИ. Место во Лондон, пак, ќе обезбедат двете најдобри репрезентации од секоја од трите предолимписки групи.

Местата за предолимпискиот турнир во Шведска веќе се пополнети. Покрај домаќинот во Гетеборг ќе настапат уште и репрезентациите на Хрватска, Јапонија и Чиле. Во Данска покрај домаќинот е познато дека ќе играат уште и Унгарија, второпласираниот тим од Африканскиот шампионат, како и подобропласираниот од двата европски тима. Во Мадрид, пак, ќе играат Шпанија, Исланд, Бразил, како и полошопласираната екипа од претстојното ЕП во Србија.

Главен заклучок од сето ова е дека Македонија на континенталниот собир кај северниот сосед би морала да биде подобра од репрезентациите на Русија, Германија, Србија, Полска, Словачка, Чешка и Словенија.

Постои можност и ако еден од домаќините на трите предолимписки турнири стане европски шампион и обезбеди директна олимписка виза, тогаш дополнителниот собир ќе се одржи во Хрватска, а таму би се нашла и селекцијата на Полска без разлика на тоа што ќе направи на ЕП во Србија. Тоа воедно би било и добра варијанта за македонските ракометари, кои би имале еден конкурент помалку во обидот да се дојде барем до место на еден од предолимписките турнир.

Покрај Франција, која е светски шампион, пласман на ЛОИ имаат обезбедено уште домаќинот Велика Британија, Аргентина како победник на Пан Американските игри и Јужна Кореја, која беше најдобра во Азија.

Tyxo.bg counter