Optimum Nutrition : Специјални формули

Пазарска количка

производи:0 бр.

Општа сума 0.00 MKD

КИРИЛ ЛАЗАРОВ ДВЕ ГОДИНИ ВО СИУДАД РЕАЛ

Од дата: 19-08-10 г.

Имав разговор и со Металург, а договорот беше доколку не најдам ангажман во клуб од првата европска четворка, да дојдам кај нив, но сигурно кариерата би сакал да ја завршам во Македонија

Македонија сезонава ќе има свој адут во ракометната Лига на шампионите од кој реално може да очекува европска титула, откако беше официјализиран трансферот на Кирил Лазаров од Кроација Осигурање во Сиудад Реал, актуелниот европски вицепрвак. Нашиот интернационалец, кој е еден од најдобрите десни бекови во светот, рекордер по бројот на постигнати голови на последното СП, останува две сезони во Сиудад Реал, а дебито за новиот тим ќе го има веќе во следната недела на турнирот во Добој, БиХ. За преминот во шпанскиот тим, хрватскиот тим ќе добие 125.000 евра обесштетување, а во тоа ќе партиципира и Целје, каде што замина Перо Метличиќ. Првично беше договорено да се направи трампа меѓу Сиудад Реал и Кроација Осигурање, за Метличиќ и Лазаров, но хрватскиот интернационалец се реши за Словенија.

За Лазаров беа заинтересирани повеќе клубови, во игра се споменуваа и Целје, Барселона, Монпелје, Веспрем... Шпанската лига сепак е нешто „помека“ во однос на Германија, каде што повеќе се игра на сила.

- Ракометот е интелигентен спорт. Не е секогаш силата пресудна. Треба да знаеш кога да проиграш, да направиш „вишок“. Ракометот се игра со глава, а не со сила - вели Лазаров, кој од вчера е во базата на Сиудад Реал во Гранада.

- Сега веќе и не е важно кој се' се бараше бидејќи работата е завршена. Но, и кога би имал шанса самиот да избирам каде ќе играм, повторно би се решил за Сиудад Реал - вели Кирил.

Шпанците се актуелен европски вицепрвак, последниве десет години имаат три титули во ЛШ и две во КПК, и уште двапати биле финалисти во ЛШ.

Соиграчи ќе му бидат Арпад Штербик, Лук Абало, Дидие Динар, Жером Фернандез, Омбрадос, Едокимов, Агинагалде, а тренер на екипата е Талант Душебаев, кој има играно за селекцијата на СССР и на Шпанија.

Лазаров уште пред неколку сезони имаше понуда од Шпанија од тимот на Барселона, но најтрофејниот европски ракометен клуб секому нуди шанса да игра за име и слава, а малку пари.

- Талант Душебаев најмногу инсистираше за моето ангажирање. Конкретните разговори ги имавме на турнирот Супер Глоуб во Катар. Шпанците ветија дека ќе направат се' да бидам нивни играч, имав цврсти гаранции. Затоа и овие неколку месеци колку што траеше целото оддолжување бев смирен. Ако не сега, бев сигурен дека од следната година ќе играм во Шпанија - вели Лазаров, кому ќе му се исполни желбата да игра во трофеен европски клуб со кој може да освои и титула. Една година пред завршување на договорот со хрватскиот првак Кроација Осигурање, македонскиот интернационалец замина. Откако клубот објави дека ќе им ги намалува платите на „скапите“ играчите, и дека Лазаров и Балиќ не можат двајцата да играат бидејќи се премногу скапи, отштетата за нашиот леворак бомбардер беше 200.000 евра. Лазаров не го прифати понуденото намалување на платата, па така почна и пазарењето на клубовите за негово ангажирање.

- Мислам дека сега сум во екипа што ги има сите квалитети да биде европски првак. Тие секогаш се во самиот врв - вели Лазаров.

Во игра за ангажирање беше и Металург, каде што тренерот Лино Червар постојано инсистира дека со Лазаров шансите на тимот во Европа би биле поинакви. Засега преселбата во Автокоманда ќе почека.

- Имав разговор со спонзорот Минчо Јорданов, и му кажав дека ако не потпишам договор со некоја екипа од големата европска четворка, тогаш ќе дојдам во Скопје. Но, секако би сакал кариерата да ја завршам во Македонија. Кога ќе биде тоа и каде, не се знае - вели Лазаров.

Во својата интернационална кариера Лазаров играше во Веспрем (Унгарија) и во Загреб (Хрватска). И на двете места навивачите го обожаваа, и секогаш беа несреќни кога требаше да замине. Со клубовите не можеше да стигне до самиот европски врв. Со репрезентацијата на Македонија играше на СП 1999 во Египет и 2009 во Хрватска. Таму беше и рекордер по бројот на постигнати голови, што само ги потврди неговите голгетерски способности. Двапати беше и најдобар стрелец во Лигата на шампионите.

Tyxo.bg counter