100 Whey

Пазарска количка

производи:0 бр.

Општа сума 0.00 MKD

КОЈ ЈА "КРОИ" ТАЖНАТА СЕГАШНОСТ НА ВАРДАР!?

Од дата: 27-08-10 г.

Последните случувања и одлуки околу најтрофејниот македонски клуб, за кои безмалку никој од раководството и стручниот штаб кои минатиот месец го презедоа клубот не преземаат одговорност, единствено што успеаја е на површина да го "избијат" прашањето има ли ФК Вардар во моментов некои нови тајни раководители кои ги влечат сите актуелни смешно-апсурдни потези.
Образложението кое кратко во вторникот тренерот Ѓорги Тодоровски - Џони му го пренел на фудбалерот Филип Спасески дека "новите раководители му се заблагодаруваат на досегашната соработка" а притоа единствениот познат за јавноста раководител - претседател Драги Сетинов воопшто не знаел за таква одлука, отворено потенцира кои се тогаш тие нови раководители на ФК Вардар.
"Колку што знам, јас сум единствениот с$ уште актуелен претседател на Вардар. Друго раководство нема, меѓутоа јас не бев запознаен со одлука за бркање фудбалери", вели претседателот Сетинов, кој најавува дека сите негативни случувања во клубот деновиве ќе мора да се надминат. Во спротивно, тој размислува за напуштање на Вардар.
Од друга страна тренерот Ѓорѓи Тодоровски и натаму е недостапен за образложение кое е тоа ново раководство кое донело одлука за ослободување фудбалери... Нејасно е и кој ја донел одлуката за неодигрување на натпреварот во понеделникот против Хоризонт Турново, ако за поголемиот дел од домашната фудбалска јавност е добро познато дека и во стручниот штаб на клубот уште во петокот не биле доволно запознаени со "труењето" на своите фудбалери. Затоа што сите одлуки последните денови, без разлика кој и како ги носи, се единствено на штета на Вардар и никој друг. "Црвено-црните" сами себе се казнија, единствено контра интересите на клубот и своите фудбалери, со неодигрувањето на дуелот со турновци откако веќе знаеја дека ФФМ не планира и не може да го презакаже дуелот.
А, во целата оваа ситуација тимот и натаму тренира под катастрофално тешки услови, фудбалерите не знаат за ниту еден денар во новата сезона, резултатски се живее најлошата сезона од постоењето..., најавените "моќни спонзори" кои до пред еден месец наводно чекале пред "капијата на клубот" никаде ги нема, по што с$ погласни се шпекулациите во фудбалските кулоари дека веќе интензивно се прави пат за враќање на поранешниот финансиер Слободан Брацо Вујчиќ во ФК Вардар. Вујчиќ, од друга страна, и натаму нагласува дека наредниот месец единствено го очекува привршувањето на судскиот процес како начин за негово институционално враќање во клубот.
В. Булатовиќ

ВЕЧЕРЕН ТЕРМИН ЗА САБОТНИОТ ВЕЧЕН ДУЕЛ
Дербито со Пелистер под рефлектори
На барање на "вардарци" дерби натпреварот од 5. коло во Прва лига в сабота ќе се игра под рефлектори, во вечерен термин од 20 часот, на националната арена "Филип Втори". Одлуката е со цел дополнително да се даде "шмек" на вечниот дуел во очекување и на првиот триумф на Вардар во оваа сезона.
Како што истакна и претседателот Драги Сетинов, Вардар се соочува и со долг кон ЈПССДП за користење на арената поради што лесно може да се случи средбата со Пелистер да биде последна без претходно да биде извршена исплата за одигрување на натпревари на "Филип Втори".

Спасески останува меѓу "црвено-црните"
Околу начинот на кој функционира Вардар во моментов доволно зборува и експресната промена на одлуките со кои клубот пред јавноста само дополнително ја потенцира својата хаотична несериозност.
Откако прво му доделија смешен отказ на фудбалерот од средниот ред Филип Спасески, во рок од 24 часа од клубот, во секој случај согледувајќи ја сопствената "детска болест", повторно со повик до Спасески за негово враќање во Вардар под образложение: "одлуката е избрзана, а тој е потребен на тимот".
"Откако повторно ме повикаа во клубот јас со задоволство останувам во тимот затоа што сепак за мене е најважен само вардаровиот дрес. Јас сум дете на овој клуб, и и покрај одредени понижувања, Вардар за мене е секогаш во срцето. Доколку сум потребен на зелениот терен, и низ овие тешки денови, секогаш ќе бидам на располагање. Токму поради тоа останувам во црвено-црниот дрес", ни изјави вчера Спасески.

"ЛИ НИНГ" има договор со Вардар до 2012
Вардар и дефинитивно ќе мора да го почитува договорот за спонзорство и користење на опрема од компанијата за производство на спортска опрема "Ли Нинг", кој е со важност до 31 јули 2012 година.
Според договорот потпишан од двете страни на 19 март 2009 година, ФК Вардар не може да дозволи и овласти конкурент на "Ли Нинг" кој има иста линија на производи да го спонзорира клубот во кое било време додека трае спонзорството на "Ли Нинг", ниту, пак, било кој поединец или организации кои се вклучени во производство на иста линија на опрема нема да имаат право да вршат рекламирање. Вардар на стартот од новата сезона настапува во опрема на "Мак спорт". Претседателот Сетинов, кој зачудувачки не знаел за таков договор, претходно изјави дека доколку постои договор со "Ли Нинг" клубот ќе мора да го почитува.

Tyxo.bg counter Valid XHTML 1.0 Transitional