Whey Protein

Пазарска количка

производи:0 бр.

Општа сума 0.00 MKD

Лоши лондонски спомени

Од дата: 14-08-12 г.

Македонскиот спорт помина најлошо на штотуку завршените Летни олимписки игри, во споредба со резултатите на земјите од нашиот регион

Македонија веројатно најлошо помина на Летните олимписки игри во Лондон, ако се споредува со земјите од нашето опкружување, односно со земјите од некогашните ју-простори. Да потсетиме, македонските спортисти што настапија со вајлд-карти на овие ЛОИ не покажаа добри резултати дури ни мерено на национално ниво, а камоли на меѓународно. Од четворица наши спортисти, двајца пливачи и двајца атлетичари, само еден оствари личен рекорд, односно постигна свое најдобро време. Сите четворица не се доближија ни до национален рекорд, а за нешто повеќе да не зборуваме.

Што се однесува до соседите, на табелата на медали Хрватска мина најдобро. Хрватите на табелата се пласираа на 36. место (од над 100 земји) со вкупно шест медали, од кои дури 3 злата, едно сребро и две бронзи. Хрватска направи вистински бум со освојувањето на златото во ватерполо по 12 години доминација на Унгарија на турнирите во овој спорт на Игрите. Хрватска настапи со над 100 спортисти на овие ЛОИ и сите учествуваа со постигнати олимписки норми, а не со вајлд-карти. „Коцкестите“ освоија уште еден медал во екипните спортови, односно машкиот ракометен тим се закити со бронза.

Србите пред Игрите планираа освојување на пет медали, а освоија „само“ четири. И покрај тоа, нашиот северен сосед е сосема задоволен од постигнатото. Имаше неколку спортисти повеќе од Хрватска, но резултатите се за почит. Србија се пласира на 44. место на табелата за медали. Единственото злато за Србите на овие ЛОИ го освои Милица Мандиќ во теквондо. Ватерполистите, кои пред ЛОИ беа најголеми фаворити за освојување на златото, завршија „само“ со бронза, која сепак со право ја сметаат за голем успех.

Словенија, земја речиси со сличен број население како Македонија, настапи на ЛОИ со над 60 спортисти, сите со постигнати олимписки норми. Словенците, исто како и Србија, имаат едно злато, едно сребро и две бронзи. Тие се радуваа најмногу на успехот на џудистката Уршка Золнир, која освои злато.

Црна Гора е вистински олимписки феномен. Малечката земја со малку над 600.000 жители имаше претставници дури во два екипни спорта. И тоа какви претставници. Црногорските ракометарки освоија сребро на ЛОИ, а ватерполистите за малку ќе се вратеа со бронза. Црна Гора е на 73. место на табелата за медали, со едно освоено сребро.

Од балканските земји, на табелата најдобро помина Романија, која освои 9 медали (2,5,2) и е на 27. место на табелата. Турција е на 38. место (две места под Хрватска) со 5 медали (2,2,1). Бугарија разочара со само два медала (0, 1, 1) и е на 58. место. Грција исто така не може да биде задоволна со својот пласман на 64. место со две бронзи. 

Од бившите ју-републики, само Македонија и БиХ не освоија медали. Но, може да се каже дека БиХ е поуспешна од Македонија, затоа што имаше спортисти-учесници со постигнати олимписки норми во квалификациите, додека ние настапивме формално, со вајлд-карти.

Инаку, војната за медали на овие ЛОИ ја добија САД со 104 освоени одличија (46,29,29), а Kина мораше да се задоволи со второто место со 87 (38, 27, 22), иако еден голем дел од Игрите водеше во трката. На третото место гордо се истакна Британија со 65 одличија (29, 17, 19).

Tyxo.bg counter