Од дата: 27-08-10 г.
Против БиХ за потврда на учеството на Евробаскетот
Македонската кошаркарска репрезентација в недела со победа против БиХ во Сараево треба да го потврди пласманот на ЕП 2011. Во исчекување на исходот од претпоследното синоќешно коло во кое Македонија беше слободна, избраниците на Марин Докузовски се подготвуваат за последниот дуел од квалификациите за ЕП.
Со петте победи и само два пораза во досегашните натпревари во групата "Б" Македонија ќе го освои најмалку второто место и ќе има шанса за првото ако успее да ја совлада Босна, а Велика Британија загуби барем еднаш на последните два меча. Иако и со минимален пораз нашиот национален тим може да се пласира на Евробаскетот, сепак никој од стручниот штаб и играчите не остава ништо на случајноста и математиките.
Победата е императив за Македонија која во Сараево во недела во "Хуан Антонио Самаранч (20.45) ќе патува без искусниот Тодор Гечевски кој завчера имаше успешна операција на двојната фактура на носот. Гече најде сили и го одигра дуелот со Велика Британија, но сега неговото место ќе го заземе Златко Гоцевски.
Босанците се вратија во игра само за едно од местата кои водат во дополнителните квалификации за ЕП кои ќе се играат идното лето, но нашите кошаркари знаат дека тие имаат многу слабости во овој циклус и мора да се искористат.
- Двапати сме загубиле од БиХ на гости во одлучувачки мечеви. Сега од трета мајка се надеваме дека ние ќе се радуваме. Играчите се мотивирани и свесни дека пласман не се брка со пораз, туку со победа. Физички и психолошки сме подготвени и ако одиграме барем 50% од она што го прикажавме против Велика Британија, сигурно ќе победиме и ќе се радуваме на нов пласман на ЕП - беше краткиот коментар на Предраг Самарџиски кој ќе го понесе најголемиот товар во рекетот во отсуство на Гечевски.
Во последното коло Украина ја пречекува Велика Британија (недела, 18), а слободна е отпишаната Унгарија.

