Whey Protein

Пазарска количка

производи:0 бр.

Општа сума 0.00 MKD

Мирољубиво коло за македонските шахисти

Од дата: 30-09-10 г.

И двете македонски селекции на 39. Шаховска олимпијада во рускиот град Ханти Мансијск одиграа нерешено 2-2 во осмото коло - мажите со петтиот тим на домаќинот Русија, а жените со Велс. Освоениот меч-бод со противникот рангиран 18 места полошо од тимот на Атанас Кизов, кој го почна турнирот како 43., ќе ја задржи Македонија во првата третина на табелата, на која фигурираат 149 репрезентации. Тоа важи и за дамите, 

кои за противник имаа состав рангиран седум места подолу од 63. стартна позиција на македонскиот, кој пред ова коло беше 64. меѓу 115 селекции. 

Кај мажите прва заврши партијата на втората табла, на која велемајсторот Трајко Недев (2505) со црни фигури го подели поенот со ФИДЕ-мајсторот Александар Копилов (2438). Потоа со пешак помалку на третата табла ремизира ВМ Звонко Станојоски (2485) против Сергеј Савицки (2373) во возбудлива партија со обострани шанси. Следуваше капитулацијата на интермајсторот Филип Панчевски (2410) од Данил Јуфа (2235) на последната партија, откако се доведе во крајно незавидна положба. од пораз не\' спаси ВМ Владимир Георгиев (2573), кој славеше на првата табла по петчасовна битка со ИМ Павел Потапов (2464), во која упорноста се исплатеше наспроти ризикот, бидејќи двајцата се најдоа на потег до вадење дама. 

Бојана Бејатовиќ (1891) и\' обезбеди водство на женската селекција, откако со црни фигури на третата табла освои фигура против Линда Робертс (1999) како плод на незапирливата акција во средината. Ремизираа ЖИМ Габриела Коскоска (2041) на првата табла со пешак помалку против ЖФМ Оливија Смит (2002) и Драгана Николовска (1752) на последната со Џули ван Кеменејд. На крајот Катерина Јоноска (2012) го положи оружјето на потег пред губење на кралицата во дуелот со ЖФМ Сузи Блекбурн (1939), во кој имаше и пешак и квалитет помалку. 

Резултати од осмото коло, мажи: Русија (1) - Украина 2-2; Унгарија - Азербејџан 2-2; Полска - Ерменија 1,5-2,5; САД - Кина 2-2; Грузија - Белорусија 2,5-1,5; Франција - Русија (2) 2,5-1,5; Иран - Куба 1-3; Естонија - Русија (3); Израел - Холандија; Србија - Словачка 2-2 итн.

Водството го задржа Украина со 14 меч-бода, пред првиот тим на Русија, Унгарија и Азербејџан со по 13, колку што собраа и Ерменија, Грузија и Франција со победите во осмото коло. 

Робертс - Бејатовиќ

1. ф4 ф5 2. Сф3 Сф6 3. г3 д6 4. Лг2 г6 5. д3 Лг7 6. ц3 ц6 7. О-О Сбд7 8. Де1 О-О 9. Сг5 Сц5 10. д4 Сце4 11. Сд2 С:д2 12. Д:д2 х6 13. Сф3 Кх7 14. Дц2 Ле6 15. Сх4 Лд5 16. Л:д5 ц:д5 17. х3 Се4 18. Тф3 е5 19. Тд3 е:ф4 20. Л:ф4 г5 21. Сг2 г:ф4 22. С:ф4 Да5 23. б4 Дб5 24. Тф1 Тац8 25. Тдф3 Т:ц3 26. Т:ц3 Л:д4+ 27. е3 Л:ц3 28. Дг2 Ле5 29. г4 ф:г4 30. Тц1 Л:ф4 31. е:ф4 Дб6+ 0-1

Илјумжинов го победи Карпов

Кирсан Илјумжинов ја зачува претседателската фотелја во Меѓународната шаховска федерација, добивајќи 95 гласови наспроти 55, колку што освои противкандидатот Анатолиј Карпов во вчерашното гласање во рамките на 81. Конгрес во Ханти Мансијск. Експретседателот на руската република Калмикија, Илјумжинов, кој на оваа функција е веќе 15 години, беше предложен од Руската шаховска федерација. Единаесеттиот светски шампион Карпов, пак, беше номиниран од Германија и од уште неколку западни држави. 

Македонија преку својот делегат Никола Митков гласаше за Карпов.

Tyxo.bg counter