Од дата: 26-08-10 г.
Болт - најплатен атлетичар на сите времиња
Најбрзиот човек на планетата, Усеин Болт, потпиша спонзорски договор со германскиот гигант за спортска опрема "Пума", кој, според соопштението на компанијата, е најскапиот во историјата на атлетиката. Договорот со светскиот рекордер на 100м и на 200м ќе трае до 2013 година.
- Тој е светска спортска икона и сега е награден за тоа - изјави директорот на "Пума", Јохан Зајц, за АП и додаде дека Болт, по новиот договор, ќе биде најплатениот атлетичар на сите времиња.
Болт се прослави на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година, кога победи на 100 и на 200 метри, како и во штафетата 4х100. Сите три медали ги освои со светски рекорди, а една година подоцна постави нови рекорди на 100 и на 200м на Светското првенство во Берлин.

