Pump Food

Пазарска количка

производи:0 бр.

Општа сума 0.00 MKD

Пелистер триумфално низ Струга

Од дата: 23-08-10 г.

Организаторите на турнирот во Струга се надеваат дека следните години единствената меѓународна ракометна манифестација кај нас повторно ќе го има стариот препознатлив сјај, и повеќе квалитетни екипи

По пауза од осум години трофејот од ракометниот турнир во Струга повторно заминува во Битола кај Пелистер. Битолчани во финалето на турнирот со 26-25 (9-15) го победија ВВ Тиквеш, ланскиот освојувач. За Пелистер ова е десетти триумф, а покрај пехарот за победникот, го имаа и најдобриот голман, Игор Тосковски, кој блескаше на финалето и во последните две минути одбрани два седмерца.

Третото место на турнирот го освои косовскиот Кастриоти, кој на пенали со 4-3 го победи Спартак. Во регуларниот дел мечот заврши 32-32. Косовскиот тим до победата го предводеше македонскиот интернационалец Трајковски кој десет пати ја погоди мрежата на бугарскиот тим. Петтото место го освои српската Јагодина, откако со 31-29 го победи домаќинот Струга. Домаќините се радуваа на еден трофеј, оно за најдобар стрелец, Никола Костевски кој постигна 28 гола на три меча.

Во финалето, при резултат 25-25, битолчани еднаш промашија седмерец, а еднаш погоди Митревски, додека Тоскоски ги запре ударите на Шандов, и на Милосавлевиќ на осум секунди пред крајот. Милосавлевиќ кој беше најпрецизен на мечот со осум постигнати голови не успеа на својот тим да му донесе продолжение.

- Секој играч во клучните моменти го избира својот најсигурен удар. Јас го знам Игор и неговиот најдобар шут е лево од голманот. По моето враќање во Пелистер, натпреварите со Тиквеш некако се најинтересни, честите дуели и многуте седмерци ме научија да ги читам „пеналиџиите“, вели Тоскоски кој беше прогласен за најдобар голман на турнирот.

ВВ Тиквеш имаше убава шанса по вторпат да триумфира на турнирот бидејќи во поголемиот дел од мечот имаше водство, на моменти и со пет-шест гола разлика. Наместо смирено да ги „одработат“ минутите, почна надигрувањето со поискусниот Пелистер кој знаеше да ги казни истите грешки на противникот. Кавадарчани играа беше новото засилување Попов, кој поради повреда го немаше во составот и на другите мечеви на турнирот. На турнирот во Струга најуспешен тим е Вардар со 12 триумфи, а Пелистер има 10. 

По првичното водство од 1-0 и 2-1, пелистерци дури во 54 минута од мечот повторно дојдоа во предност, 24-23, која знаеја и успеаја да ја преточат во победа. 

- Имавме добиен натпревар, на крајот не не' посака среќата, вечерва победи посреќната екипа - кратко коментираше Милчо Чакрески, тренерот на ВВ Тиквеш.

Триумфот за Пелистер во Струга значи елан за тимот кој и покрај лошата финансиска ситуација последниве сезони опстојува и секогаш се бори за висок пласман во првенството. Новиот тренер Звонко Шундовски е задоволен од резултатот.

- Финалниот натпревар покажа дека оваа екипа на Пелистер има карактер. Ниту во моментите кога бевме во негатива од пет гола не застанавме, и не се предадовме. Тешко беше да се издржи ритамот посебно што сме во раната фаза од подготовките и не сме доволно ниту физички ниту техничко-тактички подготвени. Оваа екипа е спој на младост и искуство, целта ни е овие искусни интернационалци, кои се на залезот на кариерата да ги споиме со младите сили на Пелистер, кои до прва ќе конкурираат и во иднина ќе даваат уште подобри резултати - рече Шундовски.

Во тимот на Пелистер Поповски со 5 гола, и Атанасовски и Петровски со по 4 беа најефикасни, а кај ВВ Тиквеш, Милосављевиќ и Митевски постигнаа по 8 гола.

Tyxo.bg counter