Од дата: 26-08-10 г.
Само Барселона и Реал Мадрид, и ниту еден друг клуб, се во конкуренција за титулата во новото шпанско фудбалско првенство, кое почнува в сабота. Двата најбогати и најтрофејни клуба на Пиринејскиот Полуостров влегуваат со еднакви шанси за освојување на трофејот во јубилејното 80. издание на Примера дивисион.
Барселона е актуелен шампион надевајќи се дека ќе го задржи тронот, пред „кралскиот клуб“ од Мадрид кој од 2008 година се нема радувано на шампионска титула. Покрај Барса и Реал, ниту еден клуб од останатите 18 што ќе бидат дел од првенството ни на сон не може да се надеваат дека би можеле да стигнат до титулата.
Барселона во мај ја освои јубилејната 20 титула, а во новата сезона се надева на хет-трик, односно трет трофеј во низа. Каталонскиот гигант во својот состав го има најголемиот дел играчи што летово ја предводеа шпанската репрезентација до златото на СП во Јужна Африка. Во стартниот состав на „црвената фурија“ во финалето на Мундијалот имаше дури седуммина играчи од Барселона. Сите голови што Шпанија ги даде на планетарниот собир беа дело на играчите на шпанскиот првак. Сепак, за златото во Африка голема заслуга имаат и играчите на Реал, бидејќи светскиот првак на својот гол го имаа чуварот на мрежата на Реал Мадрид, Икер Касилјас, кој бранеше фантастично. Триумфот на „црвената фурија“ е благодарение на играчите на двата гиганта.
Покрај Барселона и Реал Мадрид, во борба за висок пласман на табелата стандардно се очекува да се борат Валенсија, Севилја и Атлетико Мадрид. Валенсија ќе биде многу поослабена од лани бидејќи ги продаде двајцата најдобри играчи. Покрај Вилја во Барселона, од тимот на „Ел че“ во Манчестер сити отиде Давид Силва. Атлетико Мадрид, кој е актуелен освојувач на Лига Европа на УЕФА, со Диего Форлан и Серхио Агеро во нападот ќе се обиде да биде веднаш зад Барса и Реал. Севилја повторно треба да биде предводена од бразилскиот напаѓач Луиш Фабијану.
Во горниот дел од табелата би требало да бидат и Атлетик Билбао, Вилјареал, Мајорка, додека постанатите екипи ќе се надеваат дека ќе го избегнат дното и нема да испаднат од лигата.
За голгетерот Вилја потрошени 40 милиони евра
Барселона летово не купуваше премногу и го задржа речиси истиот костур на играчи како лани. Каталонскиот клуб сепак го направи најскапиот трансфер откако потроши 40 милиони евра за да го донесе напаѓачот Давид Вилја од Валенсија. Вилја даде 5 погодоци на СП 2010. Голгетерот веќе се радуваше на првиот трофеј со Барса, која го освои Суперкупот на Шпанија по триумфот над Севилја.
- Верувам дека можеме да ги освоиме сите трофеи сезонава. Кога играме максимално, Барселона е непобедлива. Ми беше многу лесно да се вклопам во играта на Барселона, бидејќи со голем дел од овие играчи играм и во репрезентацијата. Одлично се познаваме - рече Вилја.
Покрај Вилја, нов играч на Барса е и Адријану од Севилја, кој треба да биде засилување во дефанзивниот ред по заминувањето на Јаја Туре, Рафаел Маркес и Дмитри Чигрински. Главната карактеристика на Барса и во оваа сезона треба да биде доминацијата на средниот ред на теренот каде што владеат Андрес Иниеста, Чави Ернандес и Лионел Меси. Тие се волшебниците кои лани им ја „криеја“ топката на речиси сите противници. Барселона не им дозволува на противниците да играат, туку само да се бранат.
- За доброто на фудбалот се надевам дека трката за титулата нема да се сведе само на две екипи. Вистина е дека Барса и Реал се двете најдобри екипи во лигата. Двата тима имаат одлични играчи и мислам дека борбата ќе биде израмнета - вели играчот од средината на Барса, Серхио Бускетс.
Мурињу за враќање на шампионска патека
И покрај доминацијата на Барселона во последните две сезони, Реал Мадрид останува најтрофејниот тим во Шпанија. „Кралскиот клуб“ има 31 титула во Примера и се' уште е далеку недостижен и за Барселона, која има 11 титули помалку. Вообичаено Реал беше тимот што потроши најмногу пари за нови засилување во пресрет на новата сезона. Иако донесе шест нови играчи, во Реал за најголемо засилување го сметаат доаѓањето на Жосе Мурињу за тренер на „белиот балет“. Португалскиот стратег кој лани со Интер освои тројна круна, сега се надева дека ќе биде човекот што ќе го врати Реал на шампионската патека. Мурињу ќе мора да создаде компактен тим од многуте суперѕвезди што ги има на располагање. Покрај новиот тренер, сефте во дресот на Реал ќе имаат и играчите Анхел Ди Марија, Серхио Каналес, Педро Леон, Сами Кедира, Месут Озил и Рикарду Карвалју. Најскапо платен е Ди Марија, кој дојде од Бенфика за 25 милиони евра. Ако Реал лани потроши 250 милиони евра кога ги донесе Кристијану Роналду, Кака, Бензема и уште неколку играчи, овој пат тимот потроши четирипати помалку на шестмината нови засилувања, кои заедно со останатите ѕвезди на тимот треба да го состават „Галактико“ кој ќе може да освојува титули.
Од Реал сезонава си заминаа двајцата фудбалери што беа икони на клубот во изминативе 10-ина години. Најдобриот напаѓач во историјата на клубот Раул Гонзалес замина во Шалке, а Гути се пресели во турскиот Бешикташ.
Трајан Маневски
Атлетик Билбао единствен рамо до рамо со великаните
Низ осум децениската историја на шпанското првенство само три клуба никогаш не испаднале од елитата. Покрај Реал Мадрид и Барселона, дел од сите 80 првенства е и тимот на Атлетик Билбао. Тоа е екипата што во својот состав никогаш немала странец и најголемиот дел од играчите што играат се од провинцијата Баскија, каде што се наоѓа и клубот.
Освен Реал и Барса, кои заедно имаат 51 титула, шампионската радост низ историјата ја имаат почувствувано и Атлетико Мадрид, кој има 9 титули, Атлетик Билбао - 8, Валенсија - 6, Реал Сосиедад - 2, а по една титула имаат Депортиво Ла Коруња, Севилја и Бетис.
Само два трофеја повеќе има во Мадрид
Двата најтрофејни тима водат мртва трка по бројот на освоени титули. Барселона минатонеделниот триумф во Суперкупот на Шпанија стигна до јубилејната 70 титула во своите витрини. Тоа беше деветти Суперкуп за Барса во историјата. Сепак, Реал и понатаму е најтрофеен тим во Шпанија со 72 трофеја низ историјата. Но доколку Барселона сезонава ја освои двојната круна во Шпанија, може да се израмни со вечниот ривал.
Од 72 титули на Реал, дури 31 се во првенството, 17 се во Кралскиот куп, 8 во шпанскиот Суперкуп, 9 во Лигата на шампионите, еден во Лига купот, еден во европскиот Суперкуп, два Купа на УЕФА и три интерконтинентални купа. Барселона покрај 20 титули во првенството и 9 во Суперкупот, има и 25 титули во Кралскиот куп, три во ЛШ, три во Купот на саемски градови, Четири во Куп на куп-победниците, три европски Суперкупа, два Лига купа и едно Светско клупско првенство.

