Од дата: 27-08-10 г.
Екипите на Копенхаген, Жилина, Тотнем, Оксер и Ајакс се последните пет кои обезбедија место меѓу најдобрите 32 екипи во фудбалската Лига на шампиони, откако беа успешни во плејофот. Македонија нема да има тројца играчи во елитното натпреварување, откако Роберт Попов со Динамо Киев не успеа да го елиминира четирикратниот европски првак Ајакс. Попов го одигра целиот меч на гости во Амстердам против Ајакс, каде Динамо загуби со 1-2. Вкупниот резултат од двомечот е 3-2 за Ајакс, откако првиот меч во Киев заврши нерешено 1-1. Честа на Македонија во ЛШ ќе ја брани Горан Пандев кој со Интер е актуелен освојувач на трофејот, додека Александар Лазевски ќе дебитира во елитата и тоа со тимот на Партизан.
Тотнем и Жилина се двата тима кои наредниот месец ќе дебитираат во групната фаза од Лигата на шампионите. Англискиот премиерлигаш убедливо со 4-0 го победи Јанг Бојс во реваншот. Тотнем оди понатаму со вкупни 6-3. Тимот ќе биде дел од најдобрите во Европа, по пауза од речиси половина век. Тотнем последен пат играл во тогашниот Куп на Европски шампиони во 1961 година.
- Ова е фантастично. Помина долго време откако Тотнем играше во елитното натпреварување. Пласманот во групната фаза од ЛШ за мене е остварување на сонот. Секогаш сум сакал со Тотнем да играм во ЛШ - рече тренерот на лондонскиот тим, Хари Реднап.
Словачкиот првак Жилина покажа дека не била случајна победата од првиот меч со 2-0 против Спарта во Прага, па и по втор пат славеше овој пат со 1-0 на свој терен. Со оваа победа Жилина ја продолжува одличната година на словачкиот фудбал. Репрезентацијата летово играше стигна до осмина-финалето на Светското првенство во Јужна Африка, а дека фудбалот во Словачка е во нагорна линија покажува и пласманот на Жилина меѓу најдобрите 32 екипи на стариот континент.
Францускиот Оксер за прв пат по 2002 година ќе биде дел од ЛШ. Оксер победи со 2-0 против Зенит, доволно да ја анулира негативата од 0-1 по првиот меч во Украина. Копенхаген ја оствари посакуваната минимална победа од 1-0 против Розенборг. Вкупниот резултѕат на овој двомеч е 2-2, но данскиот тим оди понатаму благодарение на дадениот гол на гости кога во првиот меч загуби со 1-2.
Вчера попладне беше ждрепката за осумте групи од Лигата на шампионите.

