Optimum Nutrition  Витамини и минерали

Пазарска количка

производи:0 бр.

Општа сума 0.00 MKD

Франција подобра од данскиот "плејстејшн"

Од дата: 31-01-11 г.

Франција останува апсолутен владетел во светскиот ракомет. Сопственикот на сите три пехари ја имаше првата успешна одбрана на шампионскиот "појас" на ИХФ, светското првенство. Како заслужен бонус за златниот медал, обезбедија учество на ОИ во Лондон. Другите екипи ќе мораат во квалификации.

Во финалето на мундијалот кој минативе две недели се одржуваше на терените низ Шведска, Франција се сретна со Данска, екипа која доби повеќе епитети за својата игра на ова првенство, меѓу нив и таа дека играат како "плејстејшн". Брзо, прецизно со непогрешлива контра, со вистински бомби од бековските позиции и безбројни комбинации за шут на крилните играчи и пикерот и можеби најдобриот голман на турнирот.

Данска "везеше" и беше доминантна со сите досегашни противници. Но, вчера пред себе ја имаше најдобрата одбрана на светот. Веќе во првиот напад се виде проблем. Две минути Данска не можеше да го види голот во првиот обид да ја "начне" мрежата која ја чува се уште број 1 голманот, Тјери Омејер.

Франција од другата страна, пак, изгледаше како машина. Мирни, ладнокрвни ракометари, играчи кои во секоја ситуација знаат да ја препознаат и изведат совршената акција за да дојдат до шут. Франција поведе 2:0, а Данска својот прв гол го постигна по 6 минути игра и тоа по една хаотична акција во кој Микел Хансен некако успеа да ја дофрли топката до крилото Егерт, кој успеа да го матира Омејер.

И постојано Франција имаше водство, но главно од два разлика, главно пробивајќи на позициите 1 и 2 во данската одбрана, а првпат на плус три отиде во 17 минута.

Но, Микел Хансен, еден од најдобрите играчи во моментов, го намести својот шут и почна шоу слично на тоа од полуфиналето со Шпанија. Исто како и за Штербик и за Омејер неговите удари беа пребрзи и непредвидливи. Хансен беше надополнет со голманот Ландин и Данска почна да се враќа. Стигна на 9:9, но Хансен беше исклучен, а без него нападот на Данска беше хаотичен и тоа Франција веднаш го искористи за да поведе со 12:9, а на пет минути до крајот на првиот дел, Франција дојде за првпат на плус четири гола (13:9).

Хансен по враќањето во игра, испали два проектила во мрежата на Франција која тогаш водеше 14:12, а шансата да намалат на минус еден им ја расипа Омејер. Десниот бек Барашет погоди за 15:12 и тоа беше резултатот со кој се замина на одмор.

Најдобриот на мундијалот, Никола Карабатиќ, погоди за 16:12 во првиот напад во второто полувреме, а Данска се врати преку крилата Ларс Кристијансен и Ханс Линдберг на 14:12.

Акамбре и Барашет добија многу поважни улоги во вториот дел и додека им одеше погодуваа па Франција отиде на 22:18 во 40. минута, откако претходно пропушти да "се одлепи" главно поради неумешноста на Абало и Гигу. Следниот период и тоа што Данска се врати во игра за победа оди комотно на сметка на францускиот селектор Клод Онеста. Предолго им даваше предност на Акамбре и Барашет во однос на Жером Фернандез, а во еден момент имаше и неуспешен експеримент со Седрик Сориндо на пикер место Бертран Жил и Гијом Жоли место Лук Абало. Сето тоа беше казнето од Никлас Ландин, голманот на Данците, кој четирипати по ред бранеше удари на Барашет, а во моментот кога одново на теренот беше првата постава на "триколорите" а главната улога ја имаа Фернандез, Жил и пред се Карабатиќ, резултатот беше 24:24.

Никола Карабатиќ вешто ја навлече на себе целата одбрана на Данска додавајќи за Абало, кој погоди за ново водство на Франција, деветтиот гол на Хансен значеше нов егал (25:25), а по тоа Жил и Абало погодија за водство од 27:25 за Франција. На нецели пет минути до крајот, при резултат 29:17 за Франција беше исклучен Фернандез. Исклучување кое ги разгоре страстите на клупата на Франција, затоа што може да се каже дека беше престрого досудено. Данска веднаш искористи вишок преку Кристијансен, а по тоа изнуди шут од Абало, за во истекот на 57. минута да стигне на 29:29.

Во последната минута се отиде со водство од 31:30 за Франција. Данска играше со маркер, но не успеваше да искомбинира. Бертран Жил заработи 2 минути во жестоката борба на линијата, но времето неумоливо течеше. Останаа 5 секунди, а веднаш по додавање за почеток на акција на шут се крена Бо Спелеберг и на две секунди до крајот на регуларниот дел постигна гол за израмнување и нови десет минути драма.

Франција поведе со 32:31 преку Абало, но во следните 4 напади главен лик беше Ландин, кој одбрани три удари и пенал, а тоа Данска го искористи и во 63. минута предизвика делириум во Малме арената со првото водство на натпреварот 33:32. Но, веднаш Франција се врати, Карабатиќ и Жером, првиот во напад вториот во одбрана и Франција се врати на 34:33.

Данска израмни во второто продолжение, но Жером Фернандез постигна два гола за водство на Франција. Време имаше се помалку, а шутот кој можеше да направи нов пресврт, а шутираше Микел Хансен, Омејер го одбрани. Франција тргна премногу опуштено во следниот напад, што ги чинеше грешка и гол од контранапад, но имаа гол во залиха и во последниот напад во финишот Гигу стави точка на мундијалските случувања.

Tyxo.bg counter