Кантарионот содржи многубројни лековити состојки: етерични масла, јагленохидрати, белковини, пектинска и миристинска киселина, витамин Ц, танини (9-11%), смола, антоцијанини, хиперфорин и хиперицин кои му ја даваат црвената боја на неговиот сок, каротен, биофлавоноиди, холин, фитосерин и трагови од алкалоиди.
Кантарионот е познат поради неговите антидепресивни својства. Тој е користен илјадници години наназад како аналгетик или седатив, како и за третирање на здравствени состојби како што се изгореници, исекотини, промени во расположението, пореметување во спиењето, ноќно мокрење кај деца, предменструален синдром, хемороиди, пептичен улцер и многу други.
Студиите покажуваат дека кантарионот го спречува разградувањето на невротрансмитерите серотонин, допамин и норепинефрин кои се физиолошки одговорни за доброто расположение и на тој начин ги намалува симптомите на депресија. На овој ист начин делуваат и антидепресивните лекарства SSRI (селективни инхибитори за превземање на серотонинот) и MAO инхибиторите.
Кантарионот исто така го намалува нивото на стрес хормонот кортизол и ја зголемува активноста на GABA, природен транкилизатор во мозокот.

